Цените на нафтата стабилни

37

Цените на нафтата се стабилизираа во средата на меѓународните пазари на 71 американски долари, во оддипка по силниот раст во последните два дена, бидејќи Мексико треба да го продолжи целосното производство на сурова нафта по големата пауза.

На лондонскиот пазар, цената на барелот порасна за 14 центи во споредба со претходното затворање и изнесува 71,19 долари, по минусот во утринската трговија. На американскиот пазар, цената не се промени значително и барелот се тргуваше по 67,62 долари.

Цените на двата пазари се зголемија за осум проценти во изминатите два дена, со што беа избришани повеќето од седумдневната серија загуби поради повторно заживување на бројот на новозаразени со „Ковид-19“.

Поддршката за цената дојде поради падот на залихите од Мексико за повеќе од 400.000 барели дневно, по пожарот на големата нафтена платформа. Мексиканската државна нафтена компанија соопшти дека производството се очекува да продолжи до 30 -ти август.

Податоците на американскиот институт за нафта покажуваат дека залихите на сурова нафта минатата недела се намалија за 1,6 милиони барели, а залихите на бензин за еден милион барели. Аналитичарите очекуваа дека залихите на сурова нафта ќе се намалат за 2,7 милиони барели, а резервите на бензин за 1,6 милиони барели, се вели во студијата на Ројтерс. Официјалните податоци на американската влада ќе бидат објавени во текот на денот.