TUI очекува зголемување на побарувачката за есенските празници

32

Најголемиот светски тур-оператор TUI очекува голема побарувачка за претстојниот есенски одмор, а причината е што луѓето сакаат да ги продолжат деновите на летниот одмор до есен.

„Есента добива сила. Многу гости сакаат да го продолжат летото“, изјави извршниот директор на TUI Германија, Штефан Баумерт за dpa во Хановер, додавајќи дека одморот на плажа започнува порано во годината и трае подолго.

Одморите на плажите на Медитеранот цветаат, пренесува Хина. По банкротот на FTI, кој беше трет по големина германски туристички оператор, TUI обезбеди дополнителен капацитет и создаде дополнителни 75.000 места за есенски одмори. Згора на тоа, додадени се 65 нови летови со 12.300 седишта.

ФТИ на почетокот на јуни поднесе барање за стечај и набргу потоа ги откажа сите веќе резервирани патувања, потсетува ДПА.

Најпопуларната дестинација за туристите на TUI во текот на есента во моментов не е Мајорка, Шпанија, туку Анталија, Турција, според TUI.

„Бумот на патувањата во Турција продолжува“, рече Баумерт. Летните температури и добриот сооднос цена-квалитет ја прават турската ривиера особено привлечна за семејни одмори. Мајорка го зазеде второто место, а по неа се грчките острови Крит и Кос.

Соединетите Американски Држави останаа најпопуларните далечни дестинации за есенски одмори, а потоа следат Обединетите Арапски Емирати, Тајланд, Малдивите и Маурициус.

Германија беше главната дестинација за одмор со автомобил, а потоа следат Австрија, Италија, Полска и Чешка.

Според најновите податоци на TUI, нејзините хотелски брендови значително пораснале, а побарувачката за крстарења е стабилна. До крајот на јуни, околу 5,8 милиони луѓе патувале со TUI, четири отсто повеќе од пред една година.