Турција: инфлацијата повторно расте

Годишната стапка на инфлација во Турција изнесуваше 33,29 проценти во септември, што е зголемување во однос на августовските 32,95 проценти и над пазарните очекувања од околу 32,5 проценти, соопшти во петокот Турскиот статистички институт (ТуркСтат).

Највисок раст на цените е забележан во секторот образование – 66,1 процент, проследено со 51,36 проценти во домувањето и 36,06 проценти во храната и безалкохолните пијалоци на годишно ниво, според податоците на ТуркСтат објавени од агенцијата Анадолу.

Од друга страна, најмало зголемување на цените е забележано кај облеката и обувките – 9,8 проценти, комуникациите 23,2 проценти и алкохолните пијалоци и тутунот 24,49 проценти.

ТуркСтат наведува дека трите главни групи на потрошувачка со најголема тежина се: храната и безалкохолните пијалоци со зголемување на цените од 36,06 проценти, транспортот 25,3 проценти и домувањето 51,36 проценти.

„Придонесот на овие главни групи во годишната промена беше 8,60 проценти за храната и безалкохолните пијалоци, 4,15 проценти за транспортот и 7,85 проценти за домувањето“, се вели во соопштението.

Во меѓувреме, месечната стапка на инфлација во септември изнесуваше 3,23 проценти, во споредба со 2,04 проценти во август, што исто така ги надмина пазарните очекувања од 2,6 проценти.

Зголемувањето на годишната инфлација стави крај на низата од 15 последователни месеци на пад, покажаа официјалните податоци на Туркстат.