Турција изнајми земјоделско земјиште во Судан

19

sudan

За прв пат во историјата, Турција изнајми земјоделско земјиште и тоа во Судан, на 99 години. На земјиштето со површина од 780.000 хектари, според договорот, ќе се одгледува ананас, манго, авокадо, маслена репка и памук, кои на турскиот пазар ќе се пласираат по пониски цени, пишува World Bulletin.

“Судан има многу земјоделско земјиште, а дождовницата е доволна за наводнување во некои региони на земјата”, изјави турскиот министер за храна, земјоделство и сточарство, Мехмет Мехди Екер, на потпишувањето на договорот во Анкара.

Според суданскиот министер за земјоделство, Ибрахим Махмуд Хамид, договорот има за цел да се искористат земјишните ресурси на Судан и со извоз да се придонесе за решавање на проблемот со недостиг на храна во светот.

Во првата фаза од проектот, на земјиште од 12.500 хектари ќе биде основана пилот – фарма, на која ќе биде спроведена обука во областа на земјоделството и сточарството за Суданците кои ќе бидат вработени. Турција ќе им помогне со својата технологија, механизација и размножување на животните.

Производството ќе биде наменето за извоз.