Турција може да стане проблем за напорите на ЕУ да се откаже од рускиот гас

Турција нема да го поддржи планот на Европската Унија (ЕУ) за запирање на увозот на руски гас, а улогата на земјата може да биде важна бидејќи дел од рускиот гас за Европа поминува низ неа.

Имено, за да се спроведе планот, ЕУ сака поблиску да ги следи тековите на гас, а за тоа би биле потребни информации од клучните транзитни земји како што е Турција. Сепак, официјална Анкара не е заинтересирана, пишува Политико.

„Додека ЕУ може, а и не мора, да одлучи целосно да го запре увозот на руски гас, Турција верува дека едностраните санкции создаваат ризик од економски нарушувања и поголема енергетска несигурност. Турција ги применува само оние санкции усвоени од Советот за безбедност на Обединетите нации“, вели турското Министерство за надворешни работи.

Енергетските експерти предупредуваат дека ставот на Турција би можел да отвори простор за нелегален влез на руски гас во ЕУ дури и по истекот на рокот за постепено укинување на увозот.

Во моментов, односите меѓу Брисел и Анкара се во лоша фаза поради репресијата на турската влада врз опозицијата.

„Одбивањето на Турција да ги исполни условите за следење што ги сака ЕУ може да создаде предизвици за спроведување на предложениот план, особено затоа што Турција има зголемена транзитна улога и служи како центар за руски гас“, смета европратеникот Виле Нинисто, кој е поранешен фински министер за заштита на животната средина.

ЕУ го намали увозот на руски гас за околу две третини од 2022 година, но во меѓувреме, количината на руски течен природен гас (LNG) што се увезува е зголемена. Според предлогот на Брисел, краткорочните договори за увоз на руски гас треба да бидат напуштени до крајот на оваа година, а долгорочните договори до крајот на 2027 година.

Брисел сака сите компании вклучени во увозот на гас да достават податоци за да може да се пронајде изворот. Членките на ЕУ и Европскиот парламент сега работат на законско решение.

Следењето на потеклото на гасот е многу проблематично бидејќи е практично невозможно да се тестира од каде доаѓаат молекулите, а договорите за набавка се доверливи и гасот поминува низ неколку посредници пред да стигне до својата дестинација.

Турција не е членка на ЕУ и нема законска обврска да ги почитува европските правила и барања.

Но, за граничната трговска точка меѓу Бугарија и Турција, Странџа-Малкоклар, би било важно да има турски податоци за потеклото на гасот, вели аналитичарката Аура Сабадус од консултантската компанија ICIS.

Наведува, на пример, дека според договорот од 2023 година, бугарската енергетска компанија Булгаргаз може да нарача испораки на течен природен гас (LNG) до турските терминали, кои потоа турската државна компанија Ботас ги транспортира во Бугарија.

„Не знаеме дали гасот што се испорачува во Бугарија е токму оној што е наведен во договорот“, вели Сабадус, забележувајќи дека поради пониската цена на рускиот гас, постои висок ризик значителен дел од гасот да е всушност руски.

Истиот ризик постои и на интерконекцијата меѓу Турција и Грција.

Минатата година, ЕУ увезе 1,9 милијарди кубни метри гас преку тие две интерконекции, а бројката може да порасне на 5,4 милијарди годишно.

Булгаргаз тврди дека ги има сите документи во ред и дека потеклото на гасот лесно може да се потврди.

Поранешниот турски дипломат, а сега енергетски консултант Мехмет Огутџу, смета дека Брисел ќе мора да ѝ понуди нешто на Турција за да обезбеди соработка, како што е ослободување пари од Европската инвестициска банка за зелени проекти во таа земја.

Турското Министерство за надворешни работи изјави дека сака да соработува со Брисел до степен до кој ЕУ соработува со Турција.

Сепак, Сабадус предупредува дека проблемот останува што ЕУ нема надлежност над тоа што прави Турција и нема да може да контролира како дејствува турската царинска служба.