Протестите во Турција ги разнишаа финансиските пазари и ја намалија вредноста на турската лира, а постои загриженост дека демонстрациите ќе го успорат предвидениот економски раст.
Економистите се загрижени како протестите ќе влијаат на економијата на земјата. Ако демонстрациите ескалираат, може да страда и туристичкиот сектор, преку кој се акумулира до 30 милијарди долари годишно.
Туристичкиот сектор веќе ги чувствува негативните последици од протестите кои започнаа како мирен протест за спасување на Гези паркот во Истанбул минатата недела и се проширија и на другите градови. Откажани се преку 40% хотелски резервации, главно во Истанбул.
“Поради протестите многу странски туристи се чувствуваат непријатно, главно околу Гези паркот и плоштадот Таксим во Истанбул, кој привлекува многу повеќе туристи од другите градови во Турција. Странските туристи, особено бизнис туристите, почнаа да ги откажуваат своите посети или да бираат хотели надвор од центарот на градот”, изјави Осман Ајик, претседател на турската федерација на хотелиери (TUROFED) за Хуријет. Тој додаде дека освен во Истанбул, во другите градови во Турција нема откажувања на летови или на хотелски резервации.
Претседателот на турската Асоцијација на туристички агенции (TÜRSAB), Башаран Улусој, за турските медиуми истакна дека оние кои се вклучени во протестите, кои започна како мирни демонстрации, но потоа се претворија во насилни судири меѓу полицијата и демонстрантите, треба да бидат внимателни за сликата што ја оставаат по социјалните медиуми, додавајќи дека треба три до четири години за да се врати една загубена година во туризмот. Тој изјави дека достигнувањата на туристичкиот сектор не се случиле преку ноќ и објасни дека од 1990-тите во овој сектор се направени огромни напори за да се направи раст чекор по чекор.
“Не сакаме да го изгубиме тоа за еден ден”, вели Улусој.
Пред една недела, во Гези Парк во Истанбул се собра група луѓе во обид да го спасат паркот од уништување за да се гради трговски центар на негово место. Според информациите од медиумите, полициската употреба на солзавец и водени топови да ги растера насобраните луѓе предизвика насилства и нереди какви што не се паметат последните неколку децении во оваа земја. За шест дена се убиени тројца демонстранти, повредени 1.300, а приведени преку 3.000. Демонстрациите се проширија низ неколку градови во Турција, а демонстрантите бараат оставка од премиерот Реџеп Таип Ердоган, кој во екот на антивладините протести замина на турнеја по Северна Африка.
Фотографијата на жената во црвен фустан која мирно стои во Гези паркот додека полицаецот ја прска со солзавец, што ја објави Ројтерс, стана симбол на турските протести