Училиштата во Македонија ќе добијат интерактивни електронски табли од Телеком

25

Македонски Телеком A.Д. Скопје заедно со Министерството за образование и наука, започна постапка за набавка на интерактивни електронски табли кои ќе бидат наменети за повеќе училишта ширум државава.

Како што соопштија од Министерството за образование и наука, ќе бидат изготвени посебни критериуми преку кои училиштата ќе можат да аплицираат за добивање на овие интерактивни табли.

Со помош на електронските табли би се овозможило подобро образование за сите ученици и студенти преку интерактивните технологии кои тие ги нудат.

Во училиштата во Македонија веќе има потенцијал за поголемо вклучување на технологијата во наставниот процес, така што интерактивните табли пристигнуваат во вистински момент.

Ова не е прва соработка на Македонски Телеком и Министерството за образование, тие соработуваа и на проектот „Компјутер за секој ученик“, како и при обезбедувањето интернет конекција во училиштата и студентските домови во Република Македонија.