УЈП: До 15- февруари да се поднесе извештај за уплатениот данок по задршка

Домашните правни лица, домашните физички лица – регистрирани за вршење на дејност и странските правни или физички лица – нерезиденти со постојана деловна единица во РС Македонија (исплатувачи на приходи), имаат обврска при секоја исплата на приходи на странските правни лица кои се предмет на задржан данок според член 21 од Законот за данок на добивка, да го задржат и да го уплатат данокот на соодветната уплатна сметка.

Задржувањето на данок се применува на следните видови на приходи, без оглед дали се исплатени во РС Македонија или во странство:

  • приход од дивиденди;
  • приход од камата од резидент;
  • приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во РС Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
  • приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во РС Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од забавни или спортски активности кои се вршат во РС Македонија;
  • приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок на постојаната деловна единица во РС Македонија;
  • приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во РС Македонија;
  • приход од телекомуникациски услуги меѓу РС Македонија и странска држава;
  • приход од закуп на недвижности во РС Македонија.

Данокот што ќе се задржи, се пресметува на бруто приходот по стапка од 10%. Притоа, бруто приход е приходот кој би бил исплатен на странското правно лице доколку не се изврши задржување на данок од приходот кој би се исплатил.

Субјектот кој има обврска за задршка и уплата на данок, има обврска до Управата за јавни приходи (УЈП) да достави Извештај за уплатениот данок по задршка (“образец ДД-И”). Во извештајот ДД-И треба да се пополнат податоци и за исплати кон странски правни лица за кои е добиено даночно ослободување или олеснување од страна на УЈП согласно Договорите за одбегнување на двојно оданочување.

Извештајот ДД-И треба да се поднесе најдоцна до 15 февруари следната година, по електронски пат преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/ или во писмена форма до УЈП.

Обврската за плаќање на данокот по задршка настанува истовремено со исплатата на приходот на странското правно лице.