УЈП откри неправилности кај 65% од деловните објекти

66

ujp-zatvoreno1-360x272Контролите на УЈП спроведени минатиот месец покажуваат дека 65% од деловните објекти прикажувале нереални финансиски показатели и со тоа директно го оштетиле буџетот. Над 400 објекти не го прикажувале во целост готовинскиот промет од своето работење и плаќале помалку данок.

Само во последните два дена, затворени се 17 објекти во Скопје, од кои четири се поголеми салони за мебел лоцирани во Центар, Чаир и Бутел. Во еден случај поднесена е и кривична пријава поради неовластено отстранување пломба на објектот.

Со цел реално оданочување, УЈП паралелно со интензивните контроли во делот на фискализацијата, ја применува и мерката попис посебно кај ризичните дејности, што значи проверка и пребројување на целокупната стока и производи во сите деловни единици на даночниот обврзник.

“Наместо плаќање казни, неовластено симнување на лентите и пломбите на запечатените објекти, обиди за спречување на контролите на Управата (уништување на деловни документи, бегање на обврзниците со прометот, напади и закани на даночниците и сл.), ги повикуваме обврзниците да издаваат фискални сметки, што е поедноставно и поисплатливо од казните”, соопштуваат од УЈП.

Сите даночни обврзници кои не се информирани во врска со своите обврски и начинот на регистрирање на готовинскиот промет, може да се обратат во даночните канцеларии каде се организираат едукативни средби. Од почетокот на годината, УЈП има повикано 500 обврзници (правни и физички лица) на едукативни средби во делот на фискализација.