
Даночна загуба претставува негативна разлика помеѓу износот на остварена загуба искажан во Билансот на успех за 2024 година (искажан на АОП 01 од ДБ, со негативен предзнак) и износот на непризнати расходи за даночни цели (искажан на АОП 02 од ДБ).
Со оглед на тоа што редовниот рок за поднесување на образецот „ДД-01“ е 31 март 2025 година, но истиот ден е државен празник, крајниот рок за поднесување на образецот се продолжува до 1 април 2025 година (вторник).
Во прилог на барањето „ДД-01“ задолжително се поднесува:
- Пресметка на износот на загубата за која барате одобрение за пренесување на товар на добивката во идните пресметковни периоди од три години, сметано од годината во која загубата е искажана.
- Изјава од одговорното лице на друштвото дека друштвото не настанало со статусна промена (спојување, припојување, поделба, сопственичка трансформација).
Даночната загуба може да ја пренесете на товар на добивката во идните пресметковни периоди најмногу до три години од годината во која е искажана загубата и со тоа да го искористите правото за намалување на даночната основа за оданочување со данокот на добивка во „образецот ДБ“. Намалувањето на даночната основа во ДБ се врши последователно, почнувајќи од износот на најрано настанатите даночни загуби.
НАПОМЕНА: Правото на пренесување на даночна загуба не може да се користи во случај на измена на статусот на даночниот обврзник врз основа на спојување, припојување, поделба, сопственичка трансформација и слично.
УЈП донесува решение во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето „ДД-01“.
* Износот на даночна загуба треба да е искажан и на АОП 62 од ДБ за 2024 година – Остварена загуба намалена за непризнаените расходи од тековната година која може да се пренесе во наредните три години и да се користи како даночна поволност преку намалување на даночната основа во ДБ за 2025, 2026 и 2027 година.