Украина досега има извезено 15,1 милиони тони жито во сезоната 22/23

74

Украина досега има извезено речиси 15,1 милиони тони жито во сезоната 2022/23, што е за 30,6 отсто помалку од 21,8 милиони тони извезени во истиот период од претходната сезона, покажуваат денешните податоци на Министерството за земјоделство.

Податоците на министерството покажуваат дека во тековната сезона, која започна во јули 2022 година и трае до јуни 2023 година, извезени се 5,7 милиони тони пченица, 8,1 милиони тони пченка и 1,2 милиони тони јачмен, пренесува Ројтерс.

Владата соопшти дека жетвата на Украина би можела да биде помеѓу 50 и 52 милиони тони жито оваа година, што е далеку под рекордните 86 милиони тони во 2021 година поради загубата на територијата заземена од руските сили и пониските приноси.

Извозот на жито е намален откако Русија започна напад врз Украина во февруари и ги блокираше украинските пристаништа на Црното Море, што предизвика скок на глобалните цени на храната и страв од недостиг во Африка и на Блискиот Исток.

Трите пристаништа на Црното Море беа деблокирани на крајот на јули како дел од договорот меѓу Москва и Киев со посредство на Обединетите нации и Турција.