Троседи, двоседи, гарнитури за дневна соба, целосно опремени спални и детски соби, кујни се само дел од експонатите кои се изложени на 40-от Меѓународен саем за мебел во Скопје. Повеќе од 400 домашни и странски произведувачи од 25-ти до 30-ти овој месец ги изложуваат своите производи со цел да ги привлечат посетителите и да остварат одреден профит. Попустот што производителите го даваат се движи од 5% до 30%.
Бројот на посетители на Саемот за мебел во Скопје од година во година се зголемува, а во него може да се најде буквално се. Од класичен мебел, завеси, теписи, теписони, до уникатен мебел, модернистички и футуристички, како и мебел по мерка и желба на самите купувачи.
На саемот со свој штанд се претстави компанијата Солопром која на македонскиот пазар опстојува уште од 1991 година. Нивното мото е Се на едно место, а тоа го покажаа и со своите изложени производи на годинешниот Саем за мебел.
Производителите велат дека се задоволни од посетеноста и од тоа колку зделки склучиле од самиот почеток на саемот.
”Нашата компанија СФ експорт е долго време на македонскиот пазар и нашите клиенти се задоволни од нашите производи. Наша специјалност е изработка на кујни по мерки, но во нашите салони можат да се најдат и други видови на мебел, за целосно опремување на стан. Засега сме задоволни од посетеноста и од тоа колку нашиот штанд е прифатен и посетен од купувачите. За нашите производи даваме попуст од 5% до 15%, во зависонст од вкупната цена на производите кои се купуваат”, вели Ѓорѓи Христов, менаџер на СФ експорт.
Компанијата Филанд, на посетителите им ги понуди едни од најквалитетните душеци во Македонија. Меѓу најбараните душеци на Филанд на саемот се Maxi, Aurora, SPA, BEST MEMORY H4 и MEMORY LATEX.
На годинешниот Саем за мебел се претставија познати компании на нашиот пазар меѓу кои и Simpo, Porta Krono, Prima, Lacka,Feydom, Алмак, Југоекспорт стил, Savelo, Fatina и многу други.