„УниКредит“ бара од државата повеќе време за да ја преземе „Банко БПМ“

Банкарската групација „УниКредит“ побара од италијанскиот пазарен регулатор „Консоб“ да ја суспендира својата тековна понуда за преземање на „Банко БПМ“ за да ѝ даде време да преговара со владата за условите на договорот, објави весникот „Ил Кориере дела Сера“.

Банката со седиште во Милано побара повеќе време пред да заврши периодот на понудата на 23 јуни, тврдејќи дека барањата на владата претставуваат нов елемент во преземањето, објави весникот, без да прецизира од каде ја добил информацијата.

Според законот, тоа би можело да дозволи понудата да биде суспендирана до 30 дена, објави „Блумберг“.

„УниКредит“ даде понуда за „Банко БПМ“ кон крајот на ноември во обид да го зголеми обемот на своето портфолио на кредити на домашниот пазар. Државниот регулатор објави дека ќе дозволи процесот да продолжи само ако „УниКредит“ ги исполни сеопфатните услови.

„УниКредит“ минатата недела започна разговори со претставници на италијанската влада за да разјасни голем број аспекти поврзани со бараните услови. Управниот директор Андреа Орсел проценува дали да продолжи со понудата, бидејќи ограничувањата наметнати од владата го направија договорот помалку привлечен.

Условите вклучуваа прекин на работењето во Русија во рок од девет месеци, одржување на кредитите на одредено ниво во однос на депозитите на клиентите и забрана за намалување на домашните инвестиции кај новостекнатиот менаџер на средства Banco BPM – Anima Holding.