УСАИД ќе го поддржува подобрувањето на деловните услуги преку осум нови грантови

28

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем додели едногодишни грантови на осум организации за деловна поддршка, со цел подобрување на постоечките и развивање на нови деловни услуги за кои има висока побарувачка. Осумте организации се: Комората на занаетчии – Скопје, Здружението за рурален развој ЛАГ Агро Лидер, МАКАМ-ТРАНС, Македонската асоцијација на метална и електро индустрија (МАМЕИ), Сојузот на стопански комори, Македонското здружение за лифтови, Стопанската комора на североисточна Македонија и Солар Македонија.

Главната цел на Проектот е да се зајакне македонскиот деловен екосистем со комерцијално одржливи деловни услуги кои ќе ги задоволат потребите на пазарот и ќе ја помогнат земјата на патот кон економска самоодржливост.

Во неговиот говор пред присутните, Директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалез, ја забележа важноста на организациите за деловна поддршка во создавање на поволна бизнис клима.

“Компаниите не работат во вакуум. Тие треба да се поврзат, да комуницираат и да соработуваат меѓусебно, но и со пошироката заедница. За среќа, тука во игра влегуваат организациите за деловна поддршка. Ако гледаме на деловниот екосистем како на еден организам, вашите организации се артериите кои ги врзуваат бизнисите и го хранат нивниот раст. Вие сте тука за да им помогнете на компаниите да го направат она што им е тешко да го направат сами – да ги прошират мрежите, да обучат работници, да пристапат до финансии, да го усовременат знаењето и да станат поефикасни“.

Започнат во 2017 година, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем работи на зголемување на продуктивноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП). Проектот работи со деловни здруженија, стопански комори, финансиски институции, тренинг центри и компании кои работат на развивање на нивните синџири на добавување, како и други организации кои нудат услуги за деловна поддршка на ММСП. Проектот исто така работи со финансиски институции на зголемување на финансирањето достапно за ММСП.

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано над 640 милиони долари во Македонија од 1993. УСАИД соработува со граѓаните на Македонија за да создадат работни места, да ги зајакнат демократските институции и практики, да го подобрат интегрираното образование и да ги подготват учениците за современиот пазар на труд. Овие иницијативи, во партнерство со граѓаните на Македонија, имаат за цел да го подобрат квалитетот на живеење во Македонија.