На Скопско Кале утре започнува Пиволенд

67

На старата локација на скопското Кале од утре, па се до 15 септември, по шести пат во Скопје, ќе се одржи манифестацијата Гурмански викенд со пиво Пиволенд 2013.

„Сите љубители на пивото на овогодинешниот фестивал ќе можат да дегустираат околу 40 видови пиво, домашни и странски, како и да уживаат во големиот избор македонска традиционална храна од десет различни ресторани. Оваа година фестивалот ќе има три стејџа со различен тип на музика, и тоа главниот стејџ, диџеј стејџот и кавер бенд стејџот. Би ја искористил оваа можност и би ги поканил сите граѓани на Скопје, но и граѓаните на другите градови од нашата држава, да дојдат и да го посетат Пиволенд 2013″, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Пане Темов, кој е еден од иницијаторите и организатор на оваа традиционална манифестација, истакна дека годинава љубителите на пивото ќе имаат можност да дегустираат пива од македонски производители, но и онакви кои немаат можност да ги дегустираат секојдневно од производители од поблиските и подалечни земји.

“Фестивалот на пивото Пиволенд, годинава на барање на посетителите се пресели повторно на Скопското Кале, а како и секоја година до сега така и оваа акцентот го става на македонските пива, македонската храна и македонската музика. Првпат годинава љубителите на пиво ќе можат да дегустираат девет видови пиво од Англија, меѓу кои е и официјалното пиво на мега популарната група Iron Maden, а се надевам дека понудата на пивски брендови ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители. Цените на пивата ќе бидат навистина достапни, па така македонско пиво во чаша од 0,4 литри ќе чини 40 денари, лименка од 0,5 л ќе чини 50 денари, додека најскапите и ексклузивни странски брендови пиво ќе чинат околу 200 денари”, рече Темов и порача до конзументите да дегустираат одговорно.

Пиволенд 2013 е фокусиран кон целосна промоција на македонската култура. Во следните пет фестивалски денови посетителите ќе ги забавуваат најголемите домашни ѕвезди а како дел од изведувачите кои ќе можеме да ги видиме на Пиволенд ќе бидат Тамара Тодевска, ДНК, Тони Китановски и Васил Хаџиманов, Нокаут, Визија, најдобрите македонските диџеи Гоце (Саф), Славе, Мирко Попов, Ајсберг, Роботек, Лефанк, Гејм овер и Чваре, како и најдобрите наши кавер изведувачи меѓу кои се и Бени нон стоп, Ај Кју, Пеперминт Босса нова, Лабаво Лавабо и многу други.

Покрај домашните посетителите, ќе можат да уживаат и во настапите на регионалните ѕвезди Електрични Оргазам, Едо Маајка, Постолар Трипер и Викеда.

Покрај најавените три стејџа посетителите ќе имаат можност за уште едно музичко освежување – четврти стејџ, за којшто ќе се погрижи радиото МОФ. На оваа сцена предност ќе им биде дадена на младите, алтернативни музичари и диџеи од Македонија и ќе биде одлично надоплонувнање на веќе најавената музичка програма. Музичкиот спектар се движи од дапстеп, драменбејс, прогресив и дач хаус, хип хоп, инди рок, реге па дури и до традиционална ирска музика. Стејџот на МОФ Радио ќе биде во близина на игротеката за возрасни, на локација одлична и за оние кои сакаат да се опуштат, но и за оние кои сакаат да уживаат во добриот алтернативен звук.

Веќе неколку години по ред во рамки на петте фестивалски вечери функционира и катче каде што луѓето можат да се забавуваат играјќи повеќе маалски игри како табла, шах, тексас холдем покер, пиво понг, не лути се човече, фудбалчиња и др.

Како и секоја година, така и оваа влезот на фестивалот е бесплатен за сите посетители. Традиционално и оваа година фестивалот ќе биде под покровителство на Градот Скопје.