Утврден Етички кодекс на Групацијата на небанкарски финансиски друштва – се подобрува услугата кон клиентите

Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора, во која има 22 членки, промовира Етички кодекс чија цел е подигнување на основните стандарди за функционирање.

На прес – конференција во Комората, претседателот на групацијата Никола Јошевски изјави дека со утврдениот Етички кодекс се подобрува услугата кон клиентите и се зголемува одговорноста при кредитирање на клиенти.

-Ние како индустрија што се занимава со финансии, односно со кредити, кредитни картички, гаранции и оперативен лизинг одлучивме да одиме чекор напред, создадовме Етички кодекс кој што ќе ја подобри нашата услуга кон клиентите и ќе ја зголеми нашата одговорност при кредитирањето на нашите клиенти. Утврдивме стандарди кои се повисоки од основниот минимум што го предвидува Законот за финансиски друштва и Законот за потрошувачки кредити. Формиравме и Етичка комисија која ќе ги разгледува сите забелешки и проблеми кои ќе се јават во нашата индустрија, односно членките на нашата групација. Со етичкиот кодекс предвидовме вредности со кои се обврзуваме да ги применуваме во нашата работа, а тоа се транспарентност, интегритет, професионализам, доверливост и одговорност. Овие вредности ќе ги применуваме во сите наши дејности, во комункација со клиентите и во одлучување при поднесени жалби, посочи Јопевски.

Кодексот е во функција на клиентите и членките на Групацијата, а секоја забелешка од клиентите ќе биде разгледувана во Етичката комисија која делува во рамки на Стопанската комора.

Бројот на финансиски друштва во земјава е намален од 36 на 27 друштва затоа што девет финансиски друштва ги изгубиле лиценците, беше истакнато на денешната прес – конференција што се одржа во Стопанската комора.