Увозот на енергенти во ЕУ продолжува да опаѓа

Во првиот квартал од 2024 година, Европската унија увезла енергетски производи во вредност од 95,5 милијарди евра, што е вкупно 183,8 милиони тони. Во однос на истиот квартал од 2023 година, увозот е намален и по вредност (26,4 отсто) и по нето маса (10,4 отсто).

Вредноста на увезениот природен гас во гасовита состојба во првиот квартал од 2024 година е намалена за 56,8 отсто во однос на истиот квартал од 2023 година, додека обемот е намален за 11,7 отсто. Сличен тренд е забележан и за течниот гас, каде увозот бележи силен пад на вредноста (54,1 отсто) и поскромно намалување на обемот (11,4 отсто), покажуваат податоците објавени од Еуростат.

Значителниот пад на вредноста го одрази падот на цените на природниот гас по скокот на цената во 2022 година, додека намалувањето на обемот треба да се гледа во контекст на планот за штедење, каде земјите од ЕУ се обврзаа да ја намалат потрошувачката на гас за најмалку 15 проценти.

И вредноста и обемот на увезените нафтени масла останаа стабилни во однос на првиот квартал од 2023 година (зголемување на вредноста од 0,4 отсто и намалување на обемот за 0,9 отсто).

Во првиот квартал од 2024 година, најголемиот дел од увозот на нафта во ЕУ дојде од Соединетите Американски Држави (17,1 отсто), Норвешка (13,6 отсто) и Казахстан (10,9 отсто).