Увозот на течен гас од Русија во ЕУ годинава зголемен за 40 oтсто

126

Европската унија оваа година ја намали својата зависност од руските енергетски извори со забрана за увоз на јаглен и планирано ембарго на нафта, но увозот на едно руско гориво цвета и веројатно нема да се соочи со бојкот на ЕУ во скоро време.
Европскиот увоз на течен природен гас (ЛНГ) од Русија се зголеми за околу 40 отсто за една година, бидејќи купувачите се обидуваат да компензираат за намалениот проток на руски природен гас преку цевководи, пишува „Блумберг“.

Тоа е горчливо апче за многумина во 27-члениот блок, кој воведе тешки санкции за Кремљ за да му ги одземе приходите за финансирање на војната во Украина, забележува њујоршката агенција.

ЕУ потроши рекордни 12,5 милијарди евра (13 милијарди долари) за увоз на руски ЛНГ од јануари до септември 2022 година, пет пати повеќе од една година порано.

Растечката побарувачка од земји како Франција и Белгија и помогна на Русија да стане втор најголем снабдувач на ЛНГ во северозападна Европа оваа година. Иако Русија е далеку зад САД во однос на количината на пратки, таа го престигна Катар, според податоците за мониторинг на бродовите и пристанишниот сообраќај.

Пред нападот на Украина во февруари оваа година, гасот од Русија беше најголемиот извор на гориво во Европа. Бидејќи Кремљ оттогаш го намали снабдувањето, регионот беше принуден да ги зголеми своите набавки на ЛНГ од Русија и од целиот свет со цел да има електрична енергија и да ги надополни резервите на гас за зимата.

Од европските земји само Велика Британија и балтичките земји престанаа да купуваат руски ЛНГ. Спротивно на тоа, руската нафта во голема мера ја избегнуваат купувачите низ ЕУ, а ембаргото за нафта на Брисел треба да стапи на сила на 5 декември, според Блумберг.