Вархеји: 30 милијарди евра ќе бидат инвестирани во Западен Балкан, очекувам приходот по глава на жител во регионот да се зголеми за 3,6%

Важно е да ставиме до знаење дека во следните години околу 30 милијарди евра ќе бидат инвестирани во Западен Балкан и очекувам само со овој придонес дека ќе се зголеми приходот по глава на жител во регионот за 3,6%. Се надеваме дека тоа ќе ги ублажи шоковите на системите, изјави еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји од Лондон, на Инвестицискиот Самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на кој присуствува и македонскиот премиер, Димитар Ковачевски.

„Планираме големо поврзување на железниците, енергетскиот сектор, коридори за трансмија на енергија… ЕБОР води 10 од овие вкупно 21 проект и веќе почнуваме со втор пакет. Сакаме да добиеме апликации за повеќе стратешки проекти, да ги зголемеме инвестициите преку комбинирање на приватен и јавен капитал“, истакна тој.

Банката (ЕБОР) според него, е клучен партнер со овие гаранции особено кога се работи за поголеми инвестиции.

– Со одобрувањето на овој голем пакет сега е време да се забрза, јас секако се потпирам на сите премиери да обезбедат активност овие проекти од планот да бидат остварени, посочува еврокомесарот.