
На крајот на минатата година во Велика Британија работеа 1.715 пиварници, 100 помалку отколку на почетокот на годината, при што најтешко беа погодени малите производители, објави трговската организација Сиба, која ги претставува независните производители на пиво.
Сегашната ситуација е значително полоша отколку во 2023 година, кога во Британија затворија само осум пиварници, бидејќи малите производители сега се соочуваат со многу проблеми со зголемените трошоци и агресивните тактики од големите ривали, пренесува Гардијан.
Поради економската криза, потрошувачите не можат секогаш да си дозволат занаетско пиво, кое често е поскапо од обичното, бидејќи хмељот и сладот обично се со повисок квалитет или се увезени.