Венера – јахтата што ја дизајнираше Стив Џобс

53

Пред да почине, Стив Џобс работеше на огромна јахта и сега, само една година по неговата смрт, јахтата беше за прв пат презентирана во јавноста во холандскиот град Алсмир.

Основачот на Apple работеше на дизајнот на јахтата заедно со дизајнерот Филип Старк. Луксузната јахта го доби името по Венера, римската божица на убавината, љубовта, плодноста и сексуалноста, а во пловидба ја пушти бродоградителот Koninklijke De Vries, пренесува Mashable.

Јахтата е долга меѓу 70 и 80 метри и 100% алуминиумското тело веројатно е едно од најлесните пловила со ваква големина. Палубата е од тиково дрво, а ѕидовите во главните простории се од стакло.

Според пишувањето на холандските медиуми, секој од работниците што работеле на изградбата и создавањето на јахтата добил iPod Shuffle на чија позадина било изгравирано името на јахтата, заедно со благодарница потпишана од фамилијата Џобс.

На свеченоста присуствувала и сопругата на Стив, Лорен, заедно со трите деца Рид, Арон и Ив.

Стив Џобс бил свесен дека можеби нема да доживее да го види запловувањето на јахтата, но продолжил да работи на дизајнот. Во книгата “Steve Jobs biography” на Валтер Исаксон, Стив вели: “Знам дека може да умрам и да и оставам на Лорен полуизграден брод. Но морам да продолжам. Ако се откажам, значи признавам дека ќе умрам”.