(Видео) Една од највисоките згради во светот се наоѓа во Русија: Ја следат контроверзии, но оваа година ги отвора вратите за граѓаните

838

Иако центарот Лахта, една од највисоките згради во светот, беше отворен во 2018 година, граѓаните на Санкт Петербург и бројните туристи ќе имаат целосен пристап до оваа импозантна зграда дури од оваа година.

Кулата висока 462 метри беше официјално отворена во 2018 година и во неа се наоѓа седиштето на Газпром. Сепак, внатрешните простори беа завршени доста доцна, па сите вработени во рускиот нафтен гигант можеа оваа година да се вселат во оваа зграда.

Покрај за вработените, кулата ќе биде отворена и за сите жители, а околните објекти вклучувајќи ги и кафулињата веќе се отворени за граѓаните.

„Граѓаните ќе имаат пристап до панорамска опсерваторија и планетариум. Кафулето кое веќе е отворено внатре во објектот привлекува внимание со прекрасниот поглед од прозорецот и спектакуларните скалила, кои станаа своевидна атракција на Инстаграм“, пренесуваат руските медиуми.

Инаку, изградбата на оваа кула ја одбележаа бројни контроверзи, меѓу кои и протести на граѓаните кои изразија незадоволство од плановите на Газпром за проширување на деловниот комплекс и изградба на уште неколку кули покрај постојната.

Сè што имам е вложено во оваа куќа, не сум задоволен од евентуалната исплата, без разлика на интересот на државата“, вели еден од жителите на овој крај.

Исто така, на интернет се појави петиција против изградбата на Лахта Центар 2 и Лахта Центар 3.