Виена Иншуренс Груп, која влезе на македонскиот осигурителен пазар преку Винер Осигурвање, објави дека е завршена трансакцијата за аквизиција на мнозинскиот пакет на Кјуби Македонија, со што групацијата и официјално се издигна на водечката позиција на македонскиот осигурителен пазар.
Концернот купи 92,9% од акциите со право на глас во Кјуби Македонија, со што обезбеди над 20% од пазарниот удел и со тоа се позиционираше како убедлив лидер помеѓу останатите осигурителни компании.
ВИГ е присутна на осигурителниот пазар во Македонија од 2009 година со Винер Осигурување.
“Покажавме дека знаеме да работиме на овие простори и мошне сме горди што со одличните резултати придонесовме нашата Групација да ги прошири сопствените инвестиции во Македонија. Деловната филозофија која Винер ја промовираше и која беше одлично прифатена од граѓаните и официјално станува водечка на пазарот, а тоа значи фер цени, беспрекорна услуга, динамично решавање на штетите и нивна експресна исплата, сега уште подостапни за сите”, изјави Зоран Нарашанов, Генерален директор на Винер Осигурување.
Винер Осигурување во измината 2012 година оствари пораст на профитот од извонредни 60%. Компанијата објави и дека во првиот квартал од 2013 година остварила рекордна полисирана премија од 245 милони денари, што е најдобар квартален резултат во нејзината историја.