Вилеро: ЕЦБ најверојатно ќе ги намали каматните стапки во октомври

23

Европската централна банка (ЕЦБ) најверојатно ќе ги намали каматните стапки на 17 октомври бидејќи економскиот раст е слаб, што го зголемува ризикот инфлацијата да падне под целта од два отсто, изјави претседателот на француската централна банка Франсоа Вилеро де Гало.

ЕЦБ веќе двапати ги намали стапките од рекордно високите стапки оваа година, а пазарите сега очекуваат побрзо олабавување на политиката, со промени во октомври и декември, бидејќи инфлаторните притисоци се намалуваат побрзо отколку што очекуваа креаторите на политиката, пренесува Ројтерс.

„Во последните две години главниот ризик ни беше инфлацијата да ја надмине нашата цел од два проценти, а сега треба да обрнеме внимание на спротивниот ризик, дека поради слабиот раст и премногу рестриктивната монетарна политика, инфлацијата ќе падне под целта“, рече Вилеро кога беше прашан дека ќе има ли уште едно намалување овој месец?

Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард минатата недела навести дека ќе има намалување на каматните стапки во октомври, а носителите на одлуки оттогаш сè повеќе го поддржуваат овој потег.

Вилеро предвиде дополнителни намалувања од сегашната каматна стапка од 3,5 отсто на депозитите следната година и рече дека ЕЦБ треба да достигне „неутрална“ стапка, која ниту го забавува ниту го поттикнува растот, до 2025 година.

Тој не прецизираше колкава е неутралната стапка, но рече дека пазарите проценуваат дека е околу 2 отсто, што ќе укаже на уште шест намалувања, вклучително и две оваа година и четири во 2025 година, доколку ЕЦБ продолжи со практиката да намалува по 25 базични поени.

Иако цените на нафтата се зголемија минатата недела поради кризата на Блискиот Исток, Вилеро рече дека ЕЦБ обично ги игнорира таквите шокови, под услов тие да бидат привремени и да не влијаат на основните цени. „Победата над инфлацијата е на повидок, но тоа не е причина да се опуштите и да се откажеме од планираниот курс“, додаде Вилеро.