Пораст во сите сегменти на функционирање на осигурителниот сектор е остварен во првата половина од 2015 година. Позитивен тренд има и во осигурувањето на живот и во неживотно осигурување, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување, пишува Миа.
Тоа, според претседателот на Агенцијата Климе Попоски, укажува дека постои висок степен на стабилност на осигурителниот сектор што претставува гаранција дека друштвата за осигурување имаат доволни финансиски средства да ги сервисираат преземените обврски во делот на исплата на штети.
Зоран Стојаноски, член на Агенцијата за супервизија на осигурување информира дека до крајот на јуни остварена била бруто полисирана премија (БПП) во износ од 4,31 милијарди денари или пораст на приходите од 8,36% во однос на истиот период лани.
“Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите за 19,96%, при што остварената БПП изнесува 461,66 милиони денари. Во истиот период минатата година изнесуваше 384,84 милиони денари. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст споредено со сите земји во Европа“, рече Стојаноски.
Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП од 3,85 милијарди денари, односно пораст на приходите од 7,11% во споредба со првите шест месеци од 2014 година.
“Овој висок пораст во делот на неживотното осигурување се должи на порастот на осигурувањето на имот од 19,50% со БПП 1,14 милијарди денари, осигурувањето од незгода од 6,36% со БПП 350,27 милиони денари и осигурувањето од туристичка помош од 12,18% проценти со БПП 86,81 милиони денари“, истакна Стојаноски.