Инфлацијата нема многу да се намалува во наредните години, а годинава би требало да биде 3,9 отсто. До 2028 година, според прогнозата на минхенскиот институт Ifo и швајцарскиот институт за економска политика, би требало да се намали за само 0,4 процентни поени.
Поради високата инфлација не може да се очекуваат големи намалувања на каматните стапки.
Глобалната инфлација годинава ќе биде 3,9 отсто, покажуваат наодите од истражувањето, што е исто како и предвидувањата во третиот квартал од минатата година, се вели во резимето на истражувањето објавено оваа недела од страна на Минхенскиот институт за економски истражувања. Ова се заснова на анкета на економски експерти од целиот свет.
Следната година очекуваната стапка на глобална инфлација е 3,5 отсто, колку што треба да биде во 2027 и 2028 година.
„Очекувањата во врска со стапката на инфлација остануваат над целите на централните банки, така што не се очекуваат големи намалувања на каматните стапки“, рече истражувачот на Ifo, Никлас Потрафке.
Годинава се очекува инфлацијата во Германија да биде 2,4 отсто, во Австрија 2,5 отсто, а во Швајцарија 1,2 отсто.
Западна Европа годинава се очекува да забележи најниска стапка на инфлација од 2,1 отсто.
Инфлацијата се очекува да порасне во Северна Америка, каде што треба да достигне 2,6 отсто оваа година, 0,2 процентни поени повеќе отколку што очекуваа аналитичарите во истражувањето од третиот квартал минатата година. Инфлацијата во Северна Америка се очекува да биде 2,8 отсто во 2026 година и 2,9 отсто во 2028 година.
Во меѓувреме, особено висока инфлација може да се очекува во Јужна Америка, каде што се очекува да достигне 33,6 проценти оваа година и 18,3 проценти следната, и во Северна и Источна Африка, каде што се очекува да биде повеќе од 25 проценти годишно.
Во истражувањето, спроведено од 4 до 18 декември минатата година, учествувале 1.398 економски експерти од 125 земји.