Виз ер: За еден месец над 15.000 патници до новите дестинации

51

Можноста за патување од Скопје кон една од шесте нови европските дестинации, на нискотарифната авиокомпанија Виз ер, за еден месец ја искористиле над 15.000 патници.

Како што стои во податоците на Министерството за транспорт и врски, вкупно 15.565 патници ги искористиле нискотарифните летови на оваа авиокомпанија, кои стартуваа на 28 октомври годинава, помогнати од проектот на Владата на Р. Македонија за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај.

Податоците кажуваат дека најголем број патници се регистрирани на летовите за и од Малме (Шведска) – 2.802 патници и Дортмунд (Германија) – 2.665, кон и од Ајндховен (Холандија) се регистрирани 2.643, Базел (Швајцаија) и Тулуз (Франција) – 2.633, Минхен (Германија) – 2.427 и Милано (Италија) – 2.395.

Авиокопманијата Виз ер нуди летови од скопскиот аеродром од јуни 2011, почнувајќи со лет кон Лондон. Бројката на вкупно превезени патници досега изнесува 112.244.

Со реконструкцијата и модернизацијата на аеродромот Александар Велики во Скопје, која заврши во септември 2011, бројот на патници и бројот на компании кои оперираат на нови дестинации постојано расте. Од аеродромот Александар Велики оваа година, досега, се превезени 830.109 патници што е за 70.181 или 9,2%  повеќе од вкупниот број патници кои биле превезени во текот на целата 2011 година.