Внимателно тргувањето на Волстрит, во фокус инфлацијата

На Волстрит, берзанските индекси забележаа само мали поместувања во средата, бидејќи инвеститорите стравуваат од зголемена инфлација, што може да предизвика американската централна банка да го забави темпото на намалување на каматните стапки.

Dow Jones порасна за 0,25 отсто на 42.635 поени, а S&P 500 за 0,16 отсто на 5.918 поени. Индексот Nasdaq сепак падна за 0,06 отсто на 19.478 поени.

Записникот од последниот состанок на ФЕД покажа дека лидерите на централните банки се загрижени за ризикот од одржување на покачени нивоа на инфлација. Особено што политиката на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и најавеното зголемување на царините може дополнително да ги зголемат инфлаторните притисоци.

„Инфлацијата ќе биде во фокусот во 2025 година. Има многу работи кои би можеле повторно да ги зголемат цените“, вели Чарли Рипли, стратег во Allianz Investment Management. Зголемената инфлација, заедно со стабилниот економски раст, може да ја поттикне ФЕД да го забави темпото на намалување на каматните стапки.

Волстрит денеска ќе биде затворен поради ден на жалост за неодамна починатиот поранешен американски претседател Џими Картер, а во петок инвеститорите ќе се фокусираат на извештајот за работните места, што обично значително влијае на насоката на пазарот.