Сопствениците на гарсоњери во поголемите градови во БиХ, од парите што ги бараат за своите 30 квадрати можат да купат до три куќи со земјиште на село. На пример, за гарсоњера во Сараево, Бања Лука или Тузла треба да се издвојат околу 30.000 евра, а во некое од селата може да се пазари куќа и за 10.000 евра, пишува Независне новине.
Експертите велат дека на ваквата драстична разлика во цените на станбени објекти во урбаните и руралните средини влијаат многу фактори, вклучувајќи ги тешките услови за живот во селските населби во споредба со градските. Многу малите шанси за вработување во руралните средини доведуваат до преселба на луѓето во градските средини, а според демографот Стево Пашалиќ, процесот на урбанизација е незапирлив. Тој потсетува дека некогаш типично руралните држави сега имаат доминантно урбана популација, што полека се гледа насекаде на овие простори.
Од друга страна, од агенциите за продажба на недвижнини велат дека куќите по селата можат да се купат по прифатливи цени, но и покрај тоа, многу тешко се продаваат. Според нив, во селата во БиХ можат да се најдат куќи по цени од 5.000 до 25.000 евра, а за тие пари во градовите не може да се купи ниту парцела земја, пишува Независне новине.