Во февруари ни биле потребни 32.915 денари за живот

47

Минималната синдикална кошница за февруари, според пресметките на Сојузот на синдикати на земјава, е 32.915 денари.

Во оваа кошница влегуваат неопходните производи и услуги што му се потребни на едно просечно четиричлено семејство за исхрана, домување, хигиена, превоз, култура, облека и здравје.

Најголем дел од вредноста на кошницата отпаѓа на исхрана и пијалаци, бидејќи за тоа биле потребни 13.765 денари или 41,82% од вкупната вредност. Потоа следуваат: трошоци за домување 10.441 денар или 31,72%, трошоци за превоз со 7,43%, трошоци за хигиена со 7,13%, трошоци за облека и обувки со 6,51%, трошоци за култура од 3,24% и трошоци за здравје од 2,15% од вкупната вредност на синдикалната кошница.

Вредноста на кошницата во февруари оваа година е повисока за 0,46% во однос на истиот период лани, додека во однос на јануари е повисока за 0,56%. Вредноста на кошницата во февруари оваа година, во однос на првата пресметана и објавена вредност на минималната синдикална кошница во декември 2010 година, кога изнесувала 29.199 денари, е повисока за 12,73%.

Фото: Pexels