
Според информациите од Банката на Грција, бројот на туристи кои ја посетиле Грција во јануари годинава бележи пораст од 11,4 проценти во однос на истиот период претходната година. Дополнително, забележано е и зголемување од 7,5 проценти во приходите од туризмот за овој месец, информира дописничката на МИА од Атина.
Во првиот месец од 2025 година, Грција ја посетиле 821.600 туристи. Пристигнувањата на аеродромите се зголемиле за 24,9 проценти, додека пак преку копнените гранични премини има пад од 9,7 отсто.
Од Банката на Грција наведуваат дека овој раст на бројот на туристи се должи и на зголемениот број на посетители од земјите на ЕУ (за три отсто) и од останатите држави (за 9,8 проценти).
Кога станува збор за приходите од туризмот, тие изнесуваат 302,2 милиони евра. Истите се намалени за 2,5 отсто од посетителите од земјите на Европската Унија, а зголемени за 18,9 отсто од оние кои доаѓаат од останатите држави.
Минатата година беше запаметена како рекордна за туризмот во Грција, со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра.