Во јануари раст на просечната каматна стапка кај вкупните депозити и пад кај кредитите

Во јануари 2025 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити е намалена на месечно и на годишно ниво и изнесува 5,21%. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,18% и е зголемена на месечна и на годишна основа, соопшти Народна банка.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во јануари, оствари месечен раст од 0,28 процентни поени изнесува 4,70% при годишен пад од 0,52 процентни поени.

Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,48% и е намалена за 0,30 процентни поени на месечно ниво, додека на годишно ниво е зголемена за 0,26 процентни поени.

Во јануари, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,55% и е намалена за 0,08 процентни поени. додека на кредитите одобрени во јануари таа изнесува 4,76%  и е зголемена за  0,29 процентни поени..

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во јануари, изнесува 2,11% и забележа месечен раст од 0,01 процентен поен, додека на новопримените депозити таа бележи пад од 0,37 процентни поени и изнесуваа 2,46%.

Што се однесува за кредитирањето на корпоративниот сектор во јануари, просечната каматна стапка на вкупните кредити во овој сектор 4,85% и е пониска за 0,11 процентни поени. Кај новоодобрените кредити, пак, во јануари каматата е зголемена за 0,26 процентни поени и изнесува 4,65%.

Во јануари, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е непроменета на месечна основа и изнесува 2,69%, но затоа кај депозитите примени во јануари забележано е зголемување на каматната стапка од 0,03 процентни поени и таа изнесува 2,56%.