Расположението на европските потрошувачи се стабилизираше во јануари 2025 година по бранот песимизам на крајот на 2024 година, покажа прелиминарното месечно истражување на Европската комисија.
Индексот што ги мери очекувањата на потрошувачите во еврозоната благо порасна во јануари, за 0,3 поени во однос на декември, на минус 14,2 поени, објави ЕК.
Во декември таа падна за еден поен, со значително попесимистичките оценки на граѓаните за општата состојба на економијата во нивната матична земја и намалените планови за купување.
Вредноста на индексот што ги мери очекувањата на граѓаните во ЕУ во јануари се задржа на нивото од декември кога изнесуваше 13,3 поени.
Истражувањето на тој начин покажа дека расположението на европските потрошувачи останало под долгорочниот просек во јануари, според Комисијата, која го спроведе истражувањето од 1 до 22 јануари во 25 земји на ЕУ, со исклучок на Ирска и Шпанија. Податоците опфаќаат 86,9 отсто од вкупната финална приватна потрошувачка во еврозоната и 88,8 отсто во ЕУ.
Бранот на песимизам на крајот на минатата година се совпадна со забрзаниот раст на цените и во еврозоната и во ЕУ во декември, на 2,4 и 2,7 отсто соодветно, според пресметките на Европската статистичка служба Евростат. Во ноември тие пораснаа за 2,2 отсто во еврозоната и за 2,5 отсто на ниво на ЕУ.
Потрошувачката на домаќинствата е ограничена и поради високите трошоци за задолжување, пренесува Хина. Во средината на декември, Европската централна банка (ЕЦБ) повторно малку ги намали каматните стапки, а Управниот совет истакна дека финансирањето е сè уште ограничено бидејќи монетарната политика е рестриктивна и затоа што компаниите и граѓаните ги враќаат старите заеми со повисоки каматни стапки.
Влијанието на рестриктивната монетарна политика треба постепено да слабее и домашната побарувачка да закрепне, додаваат во соопштението од декемврискиот состанок.
ЕК на крајот на месецот ќе објави целосен извештај за економското расположение.