Во Јапонија ќе чекаат до 4 години за испорака на новиот Toyota Land Cruiser

93

Toyota ги предупреди клиентите во Јапонија дека ќе мора да чекаат до четири години за да го испорачаат новиот теренец Land Cruiser.

Најголемиот светски производител на автомобили рече дека доцнењето не е поради глобален недостиг на чипови или криза во синџирот на снабдување.

Сепак, компанијата одби да ги коментира причините за долгото време на испорака.

Во меѓувреме, Toyota соопшти дека го забавува производството во до 11 фабрики во Јапонија поради зголемениот број случаи на КОВИД-19 кај вработените во компанијата и добавувачите на делови.

„Бидејќи Land Cruiser е многу популарен модел – не само во Јапонија, туку и ширум светот, се извинуваме што се очекува да помине долго време пред да го испорачаме производот“, се вели во соопштението на веб-страницата на Toyota.

„Испораката веројатно ќе потрае до четири години ако нарачате сега. Ќе продолжиме да го скратуваме времето за испорака и го цениме вашето разбирање“.

Компанијата, исто така, соопшти дека „ова одложување не е поврзано со моменталниот недостиг на полупроводници или проблеми со синџирот на снабдување“.

Според Би-Би-Си, побарувачката за новиот Land Cruiser е голема и Toyota размислува за зголемување на производството на среден и долг рок.

Лансиран во 1951 година, Land Cruiser е најдолго продаваниот модел на Toyota.

Во последните месеци, како и многу од нејзините конкуренти, вклучувајќи ги General Motors, Ford, Nissan, Daimler, BMW и Renault, Toyota исто така беше принудена да го ограничи производството на автомобили.

Акциите на Toyota паднаа за околу 2,7% на берзата во Токио претходно денеска.

Најавата за доцнење на набавката на Land Cruiser доаѓа откако во Јапонија на почетокот на новата година значително се зголеми бројот на заразени со варијантата „омикрон“.