Во каков старт-ап Гејтс инвестира? Црвените алги се клучни, веќе се собрани 12 милиони долари

Милијардерот Бил Гејтс инвестираше во австралиски старт-ап за климатска технологија која планира да ги намали емисиите на метан што се генерираат кога кравите ждригаат.

Метанот е најчестиот стакленички гас по јаглерод диоксидот (CO2).

Добитокот како кравите, козите и елените произведуваат метан кога нивниот стомак ги разградува цврстите влакна како тревата.

Научните истражувања покажаа дека хранењето на кравите со морска трева може значително да ги намали нивните емисии на метан.

Стартапот Rumin8 од Перт затоа започна да работи на додаток во исхраната синтетички реплициран од црвени морски алги, кој го запира формирањето на гас.

Rumin8 соопшти дека собрал 12 милиони долари финансирање предводено од Breakthrough Energy Ventures, која Гејтс ја основа во 2015 година. Инвестициската фирма е поддржана и од извршниот директор на Amazon Џеф Безос и кинескиот претприемач и ко-основач на Alibaba Џек Ма.

Во октомври минатата година, Нов Зеланд предложи да се оданочуваат стакленички гасови генерирани од домашните животни со ждригање и мокрење. Во 2019 година, метанот во атмосферата достигна рекордни нивоа, тој беше околу два и пол пати поголем од нивото во прединдустриската ера. Поединечните молекули на метан имаат посилен ефект на загревање на атмосферата од молекулите на CO2.