Во која земја од ЕУ се највисоки трошоците на домаќинствата?

Највисоки трошоци на домаќинствата за потрошувачка во ЕУ во 2023 година се забележани во Данска, каде што се 143 отсто од просекот на ЕУ, а најниски во Бугарија и Романија, објави Евростат.

Највисоки трошоци на домаќинствата потоа имаат Ирска 142 отсто и Луксембург 135 отсто.

Најниски трошоци за домаќинствата се забележани во Бугарија и Романија, по 60 отсто во споредба со просекот на ЕУ, а во Полска 66 отсто.

Најголема разлика во цените е забележана кај алкохолот и тутунот.

Во 2023 година, нивото на цената на алкохолот и тутунот беше 3,2 пати повисоко во Ирска, каде што беше најскап, отколку во Бугарија, каде беше најевтин.

Најниски цени на алкохолот и тутунот се забележани во Бугарија (66 отсто од просекот на ЕУ), Полска 77 отсто и Романија 85 отсто.

Во меѓувреме, највисоки нивоа се забележани во Ирска со 211 отсто, Финска со 170 отсто и Данска со 133 отсто. Оваа голема варијација во цената главно се должи на разликите во оданочувањето на овие производи, наведува Евростат.

Рестораните и хотелите се рангирани на второ место по разликата во нивото на цените, со најниски нивоа на цени регистрирани во Бугарија (52 отсто од просекот на ЕУ), Романија (65 отсто) и Унгарија (72 отсто), а највисоки во Данска (152 отсто), Финска (129 проценти) и Ирска (128 проценти).

Облеката е рангирана на третото место според варијациите на нивото на цените, со најевтини цени на облеката во Шпанија (81 отсто), Бугарија (82 отсто) и Унгарија (88 отсто), додека најскапи биле во Данска (131 отсто), Чешка (126 отсто) и Естонија (118 проценти).

Разлики се забележани и за храната и безалкохолните пијалоци, кои се разликуваат од 74% од просекот на ЕУ во Романија до 119% во Луксембург, опремата за личен транспорт која варира од 90% во Словачка до 129% во Данска и потрошувачката електроника (од 92% во Италија до 113 проценти во Франција).