Во Португалија ќе биде отворена најголемата соларна фарма во Европа

122

Компанијата Ибердрола и Просолиа Енерџи коишто се занимаваат со производство на соларни панели, добија согласност од португалската агенција за животна средина, за изградба на „најголем фотоволтаичен систем во Европа и петти по големина во светот“, се вели во соопштението на компанијата Ибердрола.

Соларната фарма ќе се гради во општината Сантијаго де Касем во португалскиот регион Сетубал, пренесува бриселскиот портал Euractiv.

Во соопштението се наведува дека фармата ќе има моќност од 1.200 мегавати и ќе вработува 2.500 луѓе, пред се локални работници, а се очекува да започне со работа во 2025 година.

Фармата го добила името „Фернандо Песоа“, по познатиот португалски поет и писател.

Се очекува фармата да произведува чиста, евтина енергија од локални извори што ќе ги задоволи годишните енергетски потреби на околу 430.000 домаќинства“.

Дел од овој проект е и Програмата за социоекономски акции, која опфаќа поддршка на туристичкиот сектор и снабдување на локалните заедници со соларна енергија, се додава во соопштението.

Фото: Pixabay