Во потрага по идеалниот работодавач

20

pazla

Фото: Pixabay

На што треба да обрнете внимание кога барате работодавач.

Дејноста на компанијата

Ова можеби е најважно од сè, затоа што не е исто да работите за ИТ компанија или да бидете одговорни за напредна мединска опрема.

Ваше е да откриете (доколку веќе не знаете) за каков вид на компанија сакате да работите. Исто така треба да испитате дали целите на компанијата имаат допирни точки со вашите ставови и желби.

Вашиот кариерен план и кадровската политика на компанијата

Без разлика дали сте на почеток на кариерата или веќе имате богато работно искуство зад себе, треба да имате јасна слика во која насока сакате вашата кариера да се движи.

На пример, треба да знаете дали тежнете кон усовршување во областа во која веќе работите или сте задоволни со стекнатата позиција и искуство? Дали ви одговара да го работите само она што навистина го умеете или би сакале да пробате нов предизвик за да ги истражите своите способности? Дали сакате да ви се даде шанса за напредок во рамките на компанијата?

За да бидете задоволни од својата работа, многу е важно вашиот кариерен план да се совпаѓа со кадровската политика на компанијата за која ќе работите. Мала е веројатноста дека ќе бидете целосно исполнети на новото работно место доколку сакате можност за унапредување, а тоа не е планирано од страна на вашиот работодавач.

Работната атмосфера

Уште нешто на што треба да се обрне внимание е работната атмосфера во компанијата каде сакате да работите. Сигурно не ви е сеедно дали се практикува тимска или индивидуална работа, каков е односот на претпоставените со вработените и дали постојат одредени правила и норми, како дрес код и слично.

Можеби некои од овие работи ви се чинат неважни, но можат да влијаат на вашето задоволство на моменталното работно место.

Доколку сте навистина друштвена личност, голема е веројатноста со тек на време индивидуалната работа да ви здодее, што може да резултира со незадоволство и да ве поттикне да гледате прилично критички на сè што е поврзано со вашата работа.