Во потрага по тајниот сос на претприемачкиот екосистем на Силиконската долина (прв дел)

22

stanford 1

Што ја прави Силиконската долина уникатна? Дали може таа култура и тој екосистем да се пренесе во Македонија? Ќе се обидам на ова да одговорам во следните неколку текстови.

Минатата недела ЦЕЕД центрите беа во посета на Силиконската долина во Сан Франциско, домот на најголемите светски технолошки компании, како и на илјадници мали стартапи. И покрај развојот на други високотехнолошки економски центри низ САД и светот, Силиконската долина продолжува да биде водечки центар за високо-технолошки иновации и развој и е место каде се слева една третина од сите venture capital инвестиции во САД. А токму venture capital инвестициите се еден од начините на кои старт-ап компаниите доаѓаат до пари.

Старт-ап компаниите, главно новосоздадени, се во фаза на развој и истражување на пазарот. Можат да доаѓаат во сите облици и големини. Една компанија може да престане да биде старт-ап како што поминува разни фази во развојот, да почне јавно да тргува на берза или да престане да постои како независен ентитет преку спојување или аквизиција. Инвеститорите се генерално повеќе заинтересирани за старт-ап компании од неколку причини – имаат пониски трошоци, поголем ризик, но и повисок потенцијал за враќање на инвестицијата. Успешниот старт-ап котира подобро од веќе етаблиран бизнис, затоа што има потенцијал да расте брзо со ограничен капитал. Но, треба да се знае дека стапката на неуспех кај старт-ап компаниите е многу висока.

Старт-ап компаниите имаат неколку уникатни опции за финансирање. Освен веќе споменатиот venture capital, при започнувањето на бизнисот можат да им помогнат бизнис ангелите. Уште една опција е факторингот, а се почесто се користат и платформи кои работат на принцип на crowd funding. Но, во пракса најчесто финансиери на проекти се основачите.

Најмногу старт-ап компании се појавија во 90-тите, со појавата на интернетот, а нивните активности беа лоцирани во Силиконската долина. Голема улога во развој на оваа долина имаше Стенфорд универзитетот. Во 1940-тите и 50-тите, Фредерик Терман, декан за инженеринг и ректор, ги охрабруваше дипломците да започнат свои сопствени компании. За да ги реши финансиските барања за раст на Стенфорд и да им обезбеди можности за вработување на дипломираните студенти, Терман предложи земјиштето на Стенфорд да се дава на лизинг за да се користи како парк за канцеларии, именуван како Стенфорд индустриски парк (подоцна Стенфорд истражувачки парк). Прв станар на паркот беше Varian Associates, основана од Стенфорд алумни во 1930. Терман е заслужен за постоењето на Hewlett-Packard и на други високо-технолошки фирми. Она што подоцна ќе стане Силиконската долина, израсна околу кампусот Стенфорд. Затоа Терман често се нарекува “татко на Силиконската долина”.

Универзитетот Стенфорд е основан 1885 година, од поранешниот гувернер и сенатор од Калифорнија, Лиланд Стенфорд и неговата сопруга Џејн, во спомен на нивниот син единец, кој починал два месеци пред 16-тиот роденден во 1884 година. Кампусот на универзитетот се протега на 3.310 хектари и е еден од најголемите во САД. На универзитетот има преку 18 независни лаборатории, центри и институти. Академските оддели се организирани во седум училишта.

Стенфорд и алумни основале многу компании вклучувајќи ги Google, Nike, Sun Microsystems и Yahoo!. Компаниите основани од Стенфорд алумни генерираат повеќе од 2,7 илјади милијарди годишните приходи, што е еквивалентно на 10-тата по големина економија во светот. Со Универзитетот се поврзани 58 Нобеловци. Стенфорд е alma mater на 30 живи милијардери, 17 астронаути и 18 Turing award лауреати. Исто така е еден од водечките “производители” на членови на Конгресот на САД.

Универзитетскиот кампус беше ставен на листата на Travel + Leisure во септември 2011 година како едeн од најубавите кампуси во САД.