Во првиот квартал 5.717 купопродажби и 2.327 закупи на недвижности, запишани 2.596 хипотеки

Во првиот квартал годинава во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 8.044 трансакции, од кои 5.717 купопродажби и 2.327 закупи на недвижен имот.

Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), бројот на купопродажби регистрирани во Регистарот на цени и закупнини во периодот јануари – март 2025 година во однос на периодот октомври – декември 2024 година е намален за 11 проценти, а за толку е намален и бројот на закупи.

Во првиот квартал годинава вкупната вредност на трансакциите од купопродажба на недвижностите изнесува 251 милион евра. Најмногу купопродажби се регистрирани во февруари, 1.997, а најмалку во март 1.857.

Според типот на недвижност, евидентирани се 1.947 купопродажби на станови во вредност од 137 милиони евра, 623 на куќи  (42 милиони евра), 215 на деловни  простории (18 милиони евра), 1.935 на земјоделско земјиште (19 милиони евра), 719 на градежно земјиште (20 милиони евра), 173 на гаражи (милион евра), 26 купопродажби на недвижности од индустријата (осум милиони евра).

Вредноста на закупите во првиот квартал изнесува 874 илјади евра. Најмногу закупи во првиот квартал се регистрирани во февруари, и тоа вкупно 883, а најмалку во јануари, 675.

Официјалната статистика на АКН покажува дека од јануари до март годинава имало 640 закупи на станови во вредност од 160 илјади евра, 256 на куќи во вредост од 79 илјади евра, како и 781 на државни парцели од 506 илјади евра, 550 на земјоделско земјиште од 33 илјади евра, 39 на индустриски објекти  од 74 илјади евра, 35 на градежно земјиште од 11 илјади евра, како и 10 трансакции за закупи на гаражи.

Податоците за хипотеките во катастарската евиденција покажуваат дека во периодот јануари – март годинава се запишани  2.596 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 384.969.557 евра и 4.929.828.022 денари.

Во Центарот за катастар на недвижности Скопје се запишани 1.379 недвижности, во вредост од 194.518.333  евра и 2.841.291.304 денари, додека во 29-те подрачни одделенија за катастар на недвижности 1.217, во вредност од  190.451.224 евра и 2.088.536.718 денари.

Минатата година на пазарот на недвижности беа регистрирани 31.029 трансакции од кои 22.548 купопродажби со вредност од 1.007 милиони евра и 8.481 закуп во вредност од 3.329 илјади евра.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата година деловните субјекти граделе 2.641 објект и завршиле 5.405 станови со вкупна површина од  348.720 метри квадратни, од кои  5.255 се во индивидуална сопственост.  Просечната корисна површина на завршените 5.405 станови е  64.5 метри квадратни. Лани најмногу се градело во Скопскиот Регион, на 807 градежни објекти, а завршени се 3.566 станови.

Податоците на ДЗС за извршени градежни работи и завршени станови во објекти за домување градени во индивидуална режија за 2024 година, пак, покажуваат дека индивидуалните сопственици извршиле градежни работи во вредност од 14.4 милијарди денари и завршиле 2.512 станови.

Во текот на минатата  година се градени вкупно  1.978 објекти и завршени се вкупно  2.512 станови со вкупна површина од  296.537 метри квадрати, од кои 152 се станови во викенд-куќи со вкупна површина од 12.879 метри квадратни. Завршени се 2.512 станови, а просечната корисна површина е  118.1 метри квадратни. Најмногу се градело во Полошкиот Регион, каде се работело на 628 градежни објекти,  а завршени се 587 станови.

Во април годинава се издадени 357 одобренија за градење, што е за 38,9 проценти повеќе во однос на април лани. Во извештајниот период е предвидена изградба на 729 станови со вкупна корисна површина од  60.833 метри квадратни. Од вкупниот број станови, 266 се во Скопскиот регион, 232 во Југозападниот, 125 во Полошкиот регион, 63 во Источниот регион, 16 во Вардарскиот регион, 14 во Југоисточниот регион, 10 во пелагонискиот и три во Североисточниот регион. Најмногу одобренија во април се издадени во Скопскиот регион, 89, по што следуваат Југозападниот со 74, Полошкиот со 62, Источниот со 40, Југоисточниот 31, Вардарскиот 26, Пелагонискиот 23, а најмалку, 12, во Североисточниот регион.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува  6.316.119,000 денари, што е за 10,7 проценти  повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 177 (49.6 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 61 (17.1 процент) за објекти од нискоградба и 119 (33.3 проценти) за објекти за реконструкција.

Фото: pixabay