Çanakkale 1915, новиот висечки мост во Дарданелите, наскоро ќе биде отворен за сообраќај и ќе ги поврзува Европа и Азија, потврдија турските власти. Мостот кој го градеше компанијата Лимак холдинг е целосно завршен, а свеченото пуштање во сообраќај е закажано за 26 февруари. Претседателот на одборот на директори на компанијата Лимак холдинг, која го изгради мостот, Ебру Оздемир изјави дека проектот е успешно завршен.
„Го известивме Министерството за транспорт дека сме подготвени. Сега сме во завршна фаза на подготовки и го чекаме датумот на отворање на мостот“, рече Оздемир. Тој додаде дека мостот можеше да биде отворен пред три месеци доколку немаше проблеми со работниците поради пандемијата на коронавирус.
Во почетокот на градбата се проценувало дека мостот ќе чини 2,8 милијарди долари, но трошоците се повисоки за околу 300 милиони долари, поради зголемувањето на цените и проблеми во синџирот на добавувачи поради пандемијата. Мостот е долг 4,6 километри и има најдолг среден распон на светот кој изнесува 2.023 метри, а воедно станува збор за најдолг висечки мост на светот, кој претставува важна врска помеѓу Европа и Азија.
Изградбата започна во март 2017 година.