Волф: Македонија е мала економија и тоа е нејзината предност

23

ulrike-wolf-685x320Според раководителот на Одделот за надворешна економија и маркетинг при баварското Министерство за економија и медиуми, Улрике Волф, Македонија е мала економија, но тоа има и предности, како што е можноста за побрзо дејствување што треба да се искористи.

Таа во разговор за Дојче Веле оценува дека Македонија, споредено со останатите земји во регионот, се позиционира релативно добро во економската размена со Германија.

“Не може директно да се прави споредба на Македонија со пазарите кои се многу, многу големи. Значењето може да се согледа ако се види дека Баварија во германско-македонската трговија има удел од 25% и ако се знае дека Македонија е пред Србија. Србија има повеќе жители, но Македонија има поголем надворешнотрговски волумен. Оттука може да се види дека посебните шанси што ги има Македонија се огледуваат и во бројките”, изјави Волф.

Таа додаде дека Македонија е држава со добра подлога за инвестирање.

“Она што државата можела да го стори, го има направено. Рамковните услови за инвестирање во земјата се многу добри, особено даночната стапка од 10% на персоналниот данок и на данокот на добивка, како и договорите што земјата ги има склучено со многу европски земји за избегнување на двојното оданочување”, посочи Волф.

Волф заедно со делегација на германски стопанственици, меѓу кои претставници на компании од областа на енергетиката, металопреработувачката индустрија, информатичката технологија и медицината, пред една недела беше во Македонија.

За време на посетата раководителката разговараше со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за странски инвестиции Бил Павлески, а делегацијата ја посети и Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 во Бунарџик.

“Најинтересното што на претприемачите може да им се понуди е добар контакт со фирми, валиден економски контакт врз којшто ќе можат да ги надградуваат односите. Според она што лично го добив од претприемачите како информација, пошироко истражување на мислењата е во тек, тие се задоволни со контактите, но натамошниот развој ќе покаже дали тие контакти ќе бидат основа за нешто повеќе. Јас сум оптимист”, вели Улрике Волф.