
На Волстрит цените на акциите денеска пораснаа, по два дена остри падови, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораките од Белата куќа кои укажуваат на олеснување на царините од Вашингтон.
Индексот Dow Jones порасна за 1,14 отсто, на 43.006 поени, додека S&P 500 порасна за 1,12 отсто, на 5.842 поени, а индексот Nasdaq за 1,46 отсто, на 18.552 поени.
На самиот почеток на вчерашното тргување се чинеше дека индексите ќе паднат трет ден по ред бидејќи новите знаци за забавување на американската економија ги обесхрабрија инвеститорите.
Надежи за намалување на тензиите во трговската војна
Сепак, Белата куќа тогаш објави дека ќе ги ослободи од царина автомобилите увезени од Канада и Мексико на еден месец, што ги охрабри инвеститорите.
Потегот на Белата куќа ги поддржа надежите за намалување на тензиите во трговската војна, која започна претходно оваа недела кога Вашингтон воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, а Канада возврати со царини за увоз на американски производи.
Со оглед на ослободувањата од царина, акциите на автопроизводителите вчера беа меѓу најголемите добитници. Цената на Џенерал Моторс скокна повеќе од 7 отсто, Форд речиси 6 отсто, а Тесла околу 2,5 отсто.