Враќањето на Трамп повеќе ги загрижува западните економисти отколку другите

Економистите во поголемиот дел од светот стравуваат дека непредвидливиот Доналд Трамп ќе продолжи да создава несигурност по преземањето на функцијата по втор мандат, се наведува во заедничката студија на германскиот Ифо и Швајцарскиот институт за економска политика.

Институтите анкетирале економисти и експерти од целиот свет за очекуваните последици од вториот мандат на Трамп. Многумина во САД, Канада, Западна и Источна Европа се загрижени, додека тоа е помалку изразено во другите делови на светот, рече Ифо, пренесува ДПА.

На прашањата одговориле 1.398 експерти од 125 земји во последниот квартал од 2024 година.

Повеќе од 80 отсто од европските економисти рекоа дека очекуваат негативни последици од враќањето на администрацијата на Трамп, а 70 отсто во Северна Америка. Минимално мнозинство од испитаниците во Јужна Америка, Африка и Азија, вклучително и Кина, не очекуваат големи економски загуби.

Има поделени мислења во однос на ефектот на Трамп врз меѓународната безбедност. Во Северна Америка, Европа и Австралија и Нов Зеланд, околу половина од економистите очекуваат негативни последици, значително повеќе отколку во остатокот од светот.