Време е за отказ…

86

kazi-ne-pixabay

Желбата за успешен професионален развој треба да е постојано присутна додека ја градите вашата кариера. Но, на тој пат може да наидете на предизвици коишто ќе ја нарушат хармонијата што се обидувате да ја воспоставите. Кога ќе се најдете во ситуација повеќе да не можете да се справите со предизвиците, потешкотиите, стресот, колегите… време е за отказ.

Иако давањето отказ е тешка одлука, сепак постојат ситуации во коишто таа е единствено решение што ќе донесе промени во вашиот живот и ќе ве направи подобри, посигурни и побогати за уште едно искуство. Forbes предочува неколку причини поради кои е време за отказ.

Се чувствувате лошо секое утро кога треба да се подготвите за на работа

Станувањето наутро и подготовката за на работа треба да ви биде задоволство, а не да е извор на стрес. Штом почнете да чувствувате дека нозете ви се враќаат, размислете што треба да промените. Доколку сте се обиделе повеќе пати и не ви оди, тогаш почнете да барате нова работа.

Не може да се сложите со колегите

Со колегите поминувате заедно по една третина од денот. Тоа значи дека мора да најдете заеднички јазик со којшто ќе се разберете и тогаш кога имате различни ставови или мислења. Но, доколку ве иритира нивното однесување, а веќе подолго време го толерирате, во тој случај се вклучува алармот за промена на средината.

rabota-telefon-raka-pixabay

Постојано сте под стрес и тоа влијае на вашето здравје

Стресот е секојдневие во голем број професии, а експертите сметаат дека до контролирано ниво ја буди креативноста кај вработените. Ако таа граница се надмине, стресот станува штетен и опасен по здравјето. Не дозволувајте стресот да остави долгорочни последици по вашето здравје и затоа веднаш почнете со барање нова работа или размислете за сопствен бизнис.

Не сте дел од корпоративната култура на компанијата

Секој вработен треба да има чувство дека припаѓа на компанијата во којашто работи и силно да верува во нејзината мисија и визија. Но, штом се појават одредени етички или морални разлики коишто се косат со вашиот систем на вредности, тогаш бидете сигурни дека повеќе не припаѓате на таа компанија.

Премногу работа, премалку плата

Висината на платата не е секогаш единствена мотивација за поголем ангажман на работа. Но, не треба да се чувствувате дека некој ве експлоатира, а не го цени тоа. Нормално е да понекогаш се зголеми обемот на работа, но очекувајте за вашиот труд да бидете соодветно наградени и пофалени.

Фото: Pixabay