VW веќе продаде половина милион електрични автомобили

53

Германскиот Volkswagen за само две години направи и продаде 500.000 електрични автомобили од ID. семејството.
Првите електрични Volkswagen (ID.3) беа испорачани на клиентите во октомври 2020 година.

Само две години подоцна, со значително проширување на палетата на модели од ID. семејство, во Волфсбург одбележале 500.000 продадени примероци на автомобили кои не се возат со мотори со внатрешно согорување, што е значително повеќе од очекуваното, бидејќи VW пресметал дека ќе им требаат три години за да произведат и продадат половина милион електрични автомобили.

Извонредниот продажен резултат што го постигна VW на глобално ниво не беше премногу попречен од постојаните проблеми со снабдувањето со делови со кои се соочува автомобилската индустрија, а бројот на продадени електрични автомобили е дополнителен поттик за германската автомобилска групација да продолжи со интензивна електрификација, пренесува BizLife.

Од Volkswagen велат дека побарувачката за неговите електрични модели не стивнува и тие прават се што можат за да обезбедат клиентите да ги добијат своите автомобили со разумен период на чекање.

Според последните изјави, VW ќе произведува само електрични модели во Европа од 2033 година, а постоечката понуда ќе биде проширена до 2026 година со десет нови ID. модели, меѓу кои ќе бидат редизајнирани изданија на постоечките модели ID.3, ID.4 и ID.5.

Со веста дека неодамна претставеното електрично комбе ID.Buzz веќе го нарачале речиси 13.000 клиенти, целта на Volkswagen е да биде водечка автомобилска компанија која нуди најголем број различни електрични модели, од кои најприфатливиот не би требало да биде поскап од 25.000 евра.