YouTube го отстранува прикажувањето на бројот на „недопаѓања“ (ВИДЕО)

39

YouTube започна со тестирање на криењето на бројот на „дислајкови“ на одредени видеа уште во март, но според официјалното соопштение на компанијата, тие сега одлучиле да ја прошират таа одлука на целата платформа.

„Ние го правиме бројот на „недопаѓања“ приватен на целиот YouTube, но копчето „не ми се допаѓа“ нема да исчезне. Оваа промена постепено ќе се воведува денеска“, објавија од YouTube, нагласувајќи дека бројот на „дислајкови“ отсега ќе служи за приватен фидбек, а не за јавен срам.

Имено, YouTube наведува дека оваа промена ќе ги спаси креаторите од „дислајк напади и вознемирување“ и дека на тој начин ќе промовира „интеракции со почит меѓу гледачите и креаторите“.

„Сакаме да создадеме инклузивна средина полна со почит во која креаторите имаат можност да успеат и да се чувствуваат безбедно. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да продолжиме да ги штитиме креаторите од вознемирување. Нашата работа не е завршена и ќе продолжиме да инвестираме“, заклучуваат од YouTube.

Социјалните мрежи и претходно експериментираа со криење на „рејтинзи“ на платформите, па корисниците на Instagram и Facebook можат да го отстранат прикажувањето на бројот на лајкови од мај, за, според компанијата, целосно да се фокусираат на содржината што ја гледаат.