За 17 евра дневница нема кој да бере цреши и вишни во Србија

47

berac

Земјоделците во Србија не можат да најдат работници, иако во земјата има околу 800.000 невработени. Дневниците од 10 до 17 евра не се доволен мотив да се помине еден ден на нива.

Земјоделските работи воопшто не се едноставни, па од невработените за таа работа се одлучуваат само оние кои немаат многу избор. Затоа и не зачудува фактот што некои земјоделци мака мачат да најдат луѓе што ќе берат овошје во нивните овоштарници, пишува Вечерње новости.

Друг проблем со кој се соочуваат производителите на вишни и цреши е ниската откупна цена. Тие дури размислуваат остатокот од родот да го остават на гранките, бидејќи тврдат дека не можат да ги платат дневниците поради ниските откупни цени.

“Сопствениците на плантажи со ситно овошје, најчесто се соочуваат со проблеми бидејќи во цената, пред се на вишните и на црешите, најголем дел отпаѓа на работната рака. Доколку откупната цена е ниска се случува родот и воопшто да не се бере. Градинарите, овоштарите и лозарите имаат сериозен проблем со работната сила, па во голем број случаи го ограничуваат производството според бројот на “раце” што го имаат на располагање“, вели Ѓорѓе Бугарин, секретар во Здружението за земјоделство на Стопанската комора на Војводина.