За некој нема криза:Rolls-Royce урива рекорди, испорачани најмногу автомобили во 2022 година

96

Rolls-Royce во понеделникот објави рекордна продажба минатата година и покрај просечната цена од околу 534.000 долари за своите автомобили и падот на побарувачката во Кина. Според досегашните нарачки, компанијата очекува успешна година и во 2023 година.

Британскиот производител на автомобили, кој започна како Rolls-Royce во Манчестер во 1906 година и е во сопственост на германското BMW од 2003 година, соопшти дека продал 6.021 автомобил во 2022 година, од 5.586 во 2021 година, што исто така беше рекордна година, пренесува Reuters.

Во минатогодишната продажба, американскиот пазар предводи со 35 отсто удел. Во Кина, вториот по големина пазар на производителот на автомобили, забележан е пад на продажбата, пред се поради блокадите поради корона вирусот. Падот во Кина беше неутрализиран со растот на другите пазари, соопшти компанијата.

Според директорите, книгата за нарачки се протега до 2023 година, така што нема забавување на продажбата. Rolls-Royce објави дека преднарачките за новиот електричен модел Spectre, кој треба да се појави во продажба од крајот на оваа година, ги надминале очекувањата.

Растот се очекува во 2023 година и покрај тоа што Rolls-Royce ја запре продажбата во Русија, каде што годишно се купуваа од 200 до 300 возила.