За прв пат по 35 години продадени се повеќе грамофонски плочи од ЦД-а

35

Грамофонските плочи доживуваат кам-бек во музичкиот мејнстрим.

Винилите ја надминаа продажбата на компактните дискови за првпат од 1987 година, објави Американското дискографско здружение (РИАА) во својот годишен извештај. Продажбата на грамофонските плочи е во пораст 16 години по ред, при што лани биле продадени 41 милион примероци, наспроти 33 милиони цедеа.

Стримингот останува најголемиот двигател на растот на музичката индустрија, учествувајќи со 84% во вкупните приходи, но физичките носачи на звук бележат значителен подем во последните неколку години.

Продажбата на винилите лани пораснала за 17%, до 1,2 милијарди долари, додека истовремено продажбата на цедеата се намалила за 18%, на 483 милиони долари, вели РИАА.

Пандемијата на ковид-19 придонесе да се зголеми побарувачката по винили, особено кај младите купувачи, а музичари како Адел и Тејлор Свифт помогнаа и поп музиката наголемо да се врати на овој формат.

Приходите на музичката индустрија почнаа да се подобруваат во 2016 со ширењето на стриминг платформите како Спотифај и Епл мјузик, кои лани донесоа приходи од 10,2 милијарди долари од 92 милиони претплатници.

Фото: Pixabay